Во рамки на Научната и уметничка визита 2013 која од 24 јули до 7 септември се одржува во Охрид во организација на МАНУ и Научниот центар Уранија, денес, академик Георги Старделов одржа беседа „Природното убаво“  посветена на книгата „Минералите од Република Македонија“ од авторите акад. Глигор Јовановски, проф. д-р Блажо Боев и проф. д-р Петре Макрески .

Како што потенцира академик Старделов, станува збор за книга која е плод на 25 годишно теренско и теориско истражување и која содржи интересни сознанија за откриени минерали на 66 локации низ Македонија, претставени преку 700 фотографии .  

– Импресиониран сум од книгата и научните  трудови на тројцатата автори кои создаваат впечаток  дека станува збор за книга која претставува своевидна синтеза на науката и уметноста и се наметнува како исклучително уникатно дело, рече академик Старделов.

Научната и уметничка визита 2013, во чии рамки беа одржани промоции, изложби, предавања, завршува со „Летната школа нелинеарни динамички системи, машинско учење и климатски модели “ која во организација на академик Љупчо Коцарев ќе се одржи од 1 до 7 септември.

Т.К.