Во затворот „Идризово“ денеска бил откриен тунел за бегство.

По добиени информации денеска заедно со Директорот на затворот, Шпенд Тахири почнати се активности за отстранување на некои објекти за поголема безбедност и во соработка со други институции, по споделени сознанија, пронајден е тунел, изјави за МИА Стојановиќ.

Тунелот, како што појасни Стојановиќ, не е надвор од периметарот на затвореното одделение, што значи дека нема шанси за евентуално бегство низ него.

Тунелот бил ископан во делот на затворот каде биле сместени затвореници кои издржуваат високи казни, од 10 години до доживотен затвор.

По доставувањето на сознанијата до Управата, од нивна страна се извршени проверки на местото кое беше посочено како потенцијален тунел, при што беше утврдено постоење на ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули. Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Истражните органи работат на расчистување на случајот, а во меѓувреме Владата го разреши директорот на затворот Идризово Шпенд Тахири. На негово место е именуван генерал-мајор Зоран Јовановски.

OhridNews

Фото: МИА