Градот се подготвува за најмасовната црковно-верска манифестација по повод претстојниот празник Богојавление- Водици. На денешниот координативен состанок во Општина Охрид било констатирано дека подготовките се во завршна фаза.

Екипите на Ј.П. „Охридски Комуналец“ започнаа со украсување на централното градско подрачје во знакот на Богојавленските празнувања. Од претпријатието активно се вклучени во темелно чистење на градското пристаниште каде верниците влегуваат во езерските води, а дополнително е ангажирана и механизација и се расчистуваат наносите од песок, трска и друг вид отпад, информираат од Локалната по состанокот. 

Вчера беше исчистено и езерското дно кај градското пристаниште од членовите на клубот за подводни дејности „Охрид“.

Богослужбите во охридските парохиски цркви на 19.01.2022 ќе почнат во 7 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“,  „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски   неколку минути пред 10 часот  и ќе се упатат на пристаништето. Според предвиденото, точно во  10 часот од Светилникот на пристаниште  Дебарско- Кичевскиот митрополит г. г Тимотеј ќе го положи  Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

По положување на крстот  и осветување на  езерската вода, точно напладне кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи и традиционалното свето  крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.

Точно напладне на градскиот плоштад, концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а од 9 до 15 часот  ќе се одржи традиционалната крводарителска  акција.

OhridNews