Расте бројот на новозаразени од Ковид-19. Вкупната бројка на активни случаи во земјава изнесува 13.406 случаи, Во претходното деноноќие во Македонија се регистрирани 609 нови случаи. Во истиот период регистрирани сe 347 оздравени пациенти, како и 22 починати лица, сите во болнички услови. Надлежните се постојано со апели за вакцинација, а луѓето и во земјава и ширум светот со поделени мислења.

.Нова студија изработена во САД покажува дека вакцините против Ковид-19 обезбедуваат силна заштита од хоспитализација и смрт, дури и во случаи кога се работи за многу позаразната делта варијанта.

Студијата, која следеше на 600.000 луѓе од април до средината на јули, покажа дека луѓето кои не биле вакцинирани имале повеќе од 10 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани и 11 пати поголеми шанси да починат отколку оние кои биле целосно вакцинирани, пренесува Гласот на Америка.

Невакцинираните луѓе имале 4,5 пати поголема веројатност да се заразат, се вели во студијата објавена од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Од центарот,  исто така, објавија две други студии кои покажуваат дека заштитата добиена од вакцини опаѓа кај постарата популација, особено кај оние на возраст од над 75 години.

Како во светот, така и кај нас властите преку кампањи и рестрикции се обидуваат луѓето да се вакцинираат во што поголем број, но многумина сметаат дека вршењето притисок преку рестрикциите не е демократски чекор.

И покрај тоа што речиси никаде пандемијата не е стивната, ширум светот секојдневно се организираат протести против рестриктивните мерки.

Вчера во Софија беше организиран протест од партијата „Преродба“ против рестриктивните мерки, насочени за спречување на ширењето на Ковид-19. Протестот беше насловен „Време е да паднат маските“. Демонстрантите накратко ги блокираа централните булевари во Софија.

Поголемите градови во Белгија влегуваат во црвена зона. Иако Белгија важи за една од најдобрите земји кога станува збор за вакцинирано население, кога ќе се погледне во детали паѓа во очи фактот дека големите градови во земјата, Брисел, Антверпен и Лиеж, не постигнуваат ниту 50 отсто вакцинација на возрасното население, поради ова, Брисел е повторно во црвена зона, а локалните власти се подготвуваат да воведат сертификат за влез на настани, во кафулиња, молови.  Како и многумина, така и белгискиот премиер Александер Де Кро се противи на задолжителна вакцинација и покрај тоа што големите градови во земјата не ги постигнуваат зацртаните цели.

Австриското Министерство за здравство соопшти дека подготвило нова регулатива за епидемиолошките мерки, со што сите земји од Западен Балкан се ставени на „црвената листа“. Покрај нив, исто и САД, Ерменија, Азербејџан, Брунеи, Израел, Јапонија и Тајланд исто така отпаднаа од листата на земји со низок епидемиолошки ризик. Отсега, од овие земји е можно да се влезе во Австрија само со потврда за целосна имунизација.
Третата најнаселена австралиска држава, Квинсленд предупреди дека може да нареди итно затворање (локдаун) поради зголемувањето на бројот на случаи заразени со Ковид-19.


Државата Квинсленд, во која живеат повеќе од пет милиони луѓе, објави дека е регистрирано рекордно дневно зголемување на бројот на заразени, пет нови инфекции во последните 24 часа, откако едно семејство од Бризбејн, главниот град на државата, е позитивно на коронавирусот.
Властите соопштија дека следните денови ќе бидат критични и останува да се види дали затворањето е оправдано. – Ако видиме ширење на заразата, можеби ќе треба да преземеме многу брза акција. Но, во моментов тоа е кај едно семејство, рече вчера премиерката Анастасија Палашчук.
Австралиска држава Нов Јужен Велс, во градовите Сиднеј, Мелбурн и Канбера во моментов е под блокада.

 

OhridNews