САД и Русија постигнаа во саботата во Женева договор за контрола на сириското хемиско вооружување, изјави американскиот државен секретар Џон Кери по завршувањето на средбата што започна во четвртокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесува „Макфакс“.

Кери на заедничката прес конференција изјави дека е постигнат договор за методологијата на отстранување и уништување на сирискиот хемиски арсенал, како и дека Вашингтон и Москва се договориле за бројот и типот оружје чиј список Сирија мора да ги предаде во рок од една седмица.

Американскиот државен секретар изјави дека САД и Русија се договориле дека Сирија мора да им дозволи на Обединетите нации да ги преконтролираат сите места на кои се сомнева дека се чува забранетото хемиско оружје, а дека напорите за отстранување на оружјето и подготовките за мировната конференција „Женева 2“ треба да бидат поврзани и да течат паралелно.

Лавров од своја страна истакна дека е постигната целта на она што пред извесно време го договориле претседателите Владимир Путин и Барак Обама, како и дека договорот се темели на консензус и компромис.

„Постигната е целта која беше поставена на разговорите на нашите претседатели во петокот на 5-ти септември на маргините од самитот на ‘дваесетката’ во Санкт Петербург. Цел којашто беше објавена само неколку дена подоцна, во понеделникот на 8-ми септември, и таа цел е постигната со решението за ставање под меѓународна контрола на арсеналот на сириското хемиско оружје“, рече Лавров, обраќајќи внимание дека договорот е постигнат во рекорден рок.

„Се согласивме за тоа дека нашите процени кои се однесуваат на количеството и типовите хемиско оружје кои се наоѓаат во рацете на режимот на (сирискиот претседател Башар) ал-Асад, во основа се исти. Се договоривме дека меѓународната заедница брзо да воспостави контрола над хемиското оружје. САД и Русија доследно се залагаат за уништување на хемиското оружје на сирискиот режим и тоа да се направи што е можно помалку опасно. Се согласивме Сирија во рок од една седмица да обезбеди список на овие оружја“, изјави американскиот државен секретар.

„Одлучивме, исто така, дека не постои воено решение на конфликтот во Сирија, тоа мора да е политичко. Мора да се формира тим од преговарачи. Заедно сме посветени на тоа..’, додал Кери.

„Се разбира, во усогласениот пристап, не станува збор за каква и да е примена на сила, ниту за какви било автоматски санкции“, дополни рускиот министер за надворешни работи Лавров.

„Според нашиот устав, врховниот командант на земјата, претседателот на САД, секогаш го задржува правото да донесе соодветни одлуки во интерес на националната безбедност. Тој го задржува правото за носење одлука за примена сила како врховен командант. Меѓутоа, нашиот претседател исто така рече дека би сакал да се изнајде дипломатско решение на ситуацијата“, порача Кери.

„Ние нагласивме во нашиот предлог дека примарната одговорност за безбедноста паѓа врз сириските власти, меѓутоа и другите страни во Сирија, односно опозицијата, кои ќе бидат одговорни за безбедноста на меѓународниот персонал. И, безусловно, самиот меѓународен персонал мора да добие соодветни овластувања. Сето ова треба уште да се доработи“, рече Лавров.

OhridNews
извор:„Макфакс“