Најновите извршени анализи на водата за пиење во охридските села повторно укажуваат на низа проблеми и нејзина неисправност. Според добиените резултати, водата за пиење во селата Завој и Свињишта микробиолошки е неисправна, а во селата Куратица, Косел и Опеница не е хлорирана.

Последните резултати само ја потврдуваат неопходноста од итно решавање на проблемот со селските водоводи, на што постојано укажуваат инспекциските служби и од Центарот за јавно здравје.

Кон крајот на минатата година, од страна на Центарот за јавно здравје беше подготвена иницијатива која се однесува на стопанисувањето со селските водоводи, бидејќи години наназад голем број села се уште немаат дезинфекционо средство, односно водата која се користи за пиење од селските водоводи не е безбедна.

Основниот проблем е што месните заедници во селата не располагаат со средства, немаат жиро сметка, ниту можност да наплаќаат за услуга за испорака на вода за пиење и опслужување со водоводот. Со тоа немаат средства да набават хлор за пречистување на водата. Иницијативата се однесува на решавање на овие проблеми.

Иницијативата на Центарот за јавно здравје беше доставена до локалните самоуправи на Охрид, Дебар, Дебрца, Струга, Вевчани и Центар Жупа.

Т.К.