Во најголем дел квалитетот на водата во Охридското Езеро е од висока прва и втора класа. Ова го покажале испитувањата што ги изврши Заводот за здравствена заштита – ЗЗЗ Охрид. Само на три од 29 мерни места водата била од трета и четврта класа.


„Тоа се местата каде што се вливаат реките Грашница, Коселска и Сатеска кои се и најголеми загадувачи на Охридското Езеро“, изјави директорот на ЗЗЗ Атанаско Михаилов.


Атанаско Михаилов – директор на ЗЗЗ Охрид

Михаилов  истакна дека водата во најатрактивниот дел од Охридското Езеро кај плажите од св.Наум до вливот на реката Грашница е од прва и втора класа и е погодна за спорт и рекреација.


Водата во Охридското Езeро чиста и бистра

Последните анализи на водата од Билјанини извори покажуваат дека водата е исправна и со добар квалитет, рече Михаилов. Сепак тој повика на внимателност бидејќи како што рече квалитетот на водата во Билјанините извори е променлив и пиењето на вода од изворите е на лична одговорност. Михаилов потенцираше дека водата од градскиот водовод во Охрид е со исклучителен квалитет и дека истата редовно се контролира и дезинфицира со хлор. Заводот за здравствена заштита во летниот период ќе врши интензивна контрола и на храната која се продава во рестораните и сендвичарите, рече Михаилов. Тој информираше дека посебно во лето треба да се внимава на производите од млеко и јајца кои се најчести причинители на труење со храна.

Ohridnews.com