
Според уредбата за класификација на водите, вода од I класа, во природна состојба со соодветен третман-дезинфекција, може да се користи за водоснабдување, а вода од II класа може да се користи за капење, спорт, рекреација и сл.
Од ЗЗЗ посочуваат дека оптоварување на екосистемот и загадување на езерото од македонска страна, во смисол на органско загадување, постои во крејбрежниот дел на езерото од објекти-домаќинства кои не се зафатени со колекторскиот систем за пречистување на отпадните води и тоа од населба “Лагадин” до “Св.Наум”, делот кај „Св.Софија”, делот кај „Канео”, кај вливот на река Велгошка и од Струга до с. Радожда.
Примероците на вода биле земени и од реките што се вливаат во Охридското Езеро.
Според резултатите добиени од физичко-хемиската и микробиолошка анализа и Уредбата за класификација на водите, констатирано е дека анализираните примероци на вода од сите три реки припаѓале на II, III или IV класа, и тоа 66 % од анализираните примероци спаѓале во II класа, а по 17 % од примероците спаќале во III и IV класа.
Според Уредбата за класификација на водите, реките што се вливаат во Охридското езеро треба да припаѓаат на води од II класа.
И покрај големата моќ на самопречистување на Охридското езеро, реките што се вливаат во него се најголемите загадувачи на езерото, претежно со органско загадување што доведува до оптоварување на екосистемот во Охридското Езеро и потенцијална опасност по здравјето на луѓето во деловите на нивниот слив и влив во езерото, информираат од Заводот за здравствена заштита.











