Водата во Струга e забранета за секаква употреба откако е констатирана висока заматеност во изворот „Шум“ и низ сите мерни места низ градот. Првичните анализи на Центарот за јавно здравје Охрид покажуваат дека заматеноста во изворот „Шум“ е 28,56%, додека низ другите мерни места се движи од 24 до 26% од дозволените 1,5%. Според анализите истата е прогласена за здравствено неисправна.
Ве известуваме дека водата во градот Струга и околината не е чиста и до наредното известување не треба да се користи за пиење или други потреби, информираа од ЈП „Водовод и канализација“ – Струга.
Д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид вели дека земени се мостри за испитување и дека има висок степен на обоеност и висока матност.
Земени се мостри од вода за испитување. Хлор имаше, ама има висок степен на обоеност и висока матност и таа автоматски спаѓа во здравствено неисправна вода. Ги чекаме резултатите кои во четврток треба да се готови. Утре ќе одиме повторно, ќе земеме вода од изворот, да видиме дали почнала матноста да се намалува или не. Незнам тој извор од каде може да биде таков буквално каллив. Потоа следи механичко чистење на резервоарите, покачен хлор…, посочува Симоноска.
Воедно, потенцира дека водата во Струга е забранета за секаква употреба.
Н.С.Ј.













