Поради неисправност на апаратот за хлорирање во ЈП „Проаква“, водата од Струшкиот водовод повторно е небезбедна за пиење. Последните анализи на Центарот за јавно здравје покажале дека водата во Струга не содржи хлор, што значи дека не смее да биде конзумирана од страна на граѓаните.
-За тоа веќе е известена Дирекцијата за храна којашто е одговорна во врска со испитувањето односно со издавањето на дозвола за употреба или за забрана за водата за пиење. Верувам дека ќе си постапат така како што е според законот. Мора да бидат известени граѓаните дека водата којашто во моментот не се хлорира не смее да биде употребувана за пиење, затоа што според Законот за безбедност на храна, вода која што нема хлор не смее да се пие, изјави Атанаско Михаилов директор на Центарот за јавно здравје во Охрид.
Поради присуство на бактерии, водата не смее да се пие и во струшките села Франгово и Октиси.
-Последните мостри од водата за пиење покажуваат дека во Франгово во водата има Ешерихија коли и таа мора да биде забранета за употреба, додека во Октиси има Ешерихија коли и Ентерококи и исто така треба да биде забранета за употреба се додека не се исчисти од бактерии. И во овие села е потврдено дека нема хлор, што укажува на тоа дека заради недостаток на хлор во водата се појавуваат бактерии, рече Михаилов.
Тој апелираше до надлежните што поскоро да обезбедат услови за редовно хлорирање на водата.
OhridNews