Како што објаснува Тренески, најпрво било прекинато доставувањето на вода која ја добивале преку ЕМО- Охрид, а потоа добиле и забрана од министерството за здравство за користење на водата од бунарот, од кој користеле техничка вода како времено решение додека не се реши проблемот со водоснабдувањето во селото.
– Менаџерскиот тим на ЕМО си зеде за право целосно да ја затвори водата за Лакочереј која ја добивавме преку компанијата и сега селото нема ни капка вода која ја добивавме преку ЕМО. Од министерството за здравство добивме и решение дека водата од бунарот која се користеше повеќе не е исправна и дека не смее да влезе во системот за водоснабдување, иако жителите ја користеја како техничка вода. Барам да се прогласи елементарна непогода и итно да се реши проблемот околу водоснабдувањето на Горно Лакочереј, вели Тренески кој додаваа дека состојбата во текот на последните неколку месеци станува алармантна.
Градоначалникот Александар Петрески вели дека и покрај доставеното барање пред една година до ЕМО за преземање на системот за водоснабдување, преку кој се снабдува и селото Горно Лакочереј, одговор од компанијата нема. Тој објаснува дека пред триесеттина години, со одобрение од тогашната локална самоуправа, кога се правел водоводот за ЕМО, било договорено компанијата да му доставува вода на селото за што биле платени тогашни 40.000 германски марки.
– Побарав од ЕМО системот за водоснабдување да и го предадат на локалната самоуправа, а потоа ние на ЕМО ќе му доставуваме бесплатна вода според потребите. Уште немаме добиено одговор, туку еднострано, непочитувајќи го договорот направен пред 30 години, сега ги имаат исклучено вентилите и Лакочереј нема вода. Побарав од судот да достави времена мерка ЕМО да ги отвори вентилите, во меѓувреме преземаме други чекори да го приклучиме системот на градскиот водовод, додека се реши проблемот, вели Петрески .
Тој нагласува дека доколку локалната самоуправа го добие системот за водоснабдување од ЕМО, би следело и негово обновување.