Војниците на Армијата на Република Македонија денеска одржаа мирен протест пред Министерството за одбрана и побараа зголемување на платите.
Претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста, Аднан Алитов за медиумите изјави дека во средата имале средба со Министерот за одбрана, Зоран Јолевски на која му било кажано дека не може да им биде зголемена платата во предизборен период. Иако изборите во средата вечерта се одложија, сепак во Министерството не дале позитивен одговор на нивните барања.
Затоа денеска тие излегоа на протест и побараа зголемување на платите за 20 отсто, зголемување на надоместоците од 610 денари на 1.200 денари и пропорционално да им се зголемуваат платите со другите институции како Министерството за внатрешни работи и Царинската управа.
Алитов вели дека рано е да се зборува за следните чекори, ќе почекаат на реакција до понеделник, но не исклучуваат доколку не се исполнат нивните барања да штрајкуваат во институциите што ги опфаќа Синдикатот на одбрана и безбедност.
OhridNews