Со цел развој на квалитетен систем за волонтерски менаџмент и придонес во решавањето на проблемите во локалните заедници, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) продолжува со имплементација на проектот „Локален Волонтерски Сервис“ во соработка со 6 невладини организации, односно Волонтерски Инфо Точки (ВИТ), меѓу кои и Младинскиот совет од Охрид.

Проектот предвидува мобилизација на волонтери и развој на волонтерски позиции во општински администрации, правосудни органи, државни органи и агенции, како и во невладини организации кои работат на заштита на човекови права и со маргинализирани групи.  Потенцијални волонтери во овој проект се граѓаните со посебен акцент на младите невработени лица. Рокот за пријавување е до понеделник 12 декември 2011 година, во МКЦ-Битола или локалните канцеларии на ВИТ.

Со реализацијата на проектот во 2011/2012 се очекува да бидат обучени 60 волонтери и 60 претставници на институции во областа на волонтерски менаџмент, да се креираат и реализираат 60 волонтерски места во при што ќе се опфатат над 4000 корисници на волонтерските услуги (граѓани). За сите волонтери е обезбеден надоместок за покривање на трошоците за превоз и исхрана во период од 3 месеци. Почетокот на волонтирањето ќе биде во текот на јануари 2012 година.

Корисници на волонтерските услуги ќе бидат: локалните самоуправи (општинските администрации) правосудните органи (Основни и Апелациони судови, јавни обвинителства), државни органи, државни агенции на централно и локално ниво и подрачни министерства. Една петтина од волонтерите ќе бидат сместени во граѓански организации кои работат на локално ниво.
Освен МСО, во проектот се вклучени и Младински образовен форум – Скопје, СППМД – Кавадарци, Агтис – Прилеп, Институт за развој на заедницата – Тетово и Организација на жени на општина Свети Николе.

OhridNews