Општинскиот Црвен крст во соработка со Општина Охрид, со своите мобилни тимови за поддршка на постари и изнемоштени лица, хронично болни лица, лица со попреченост и самохрани родители на деца на предучилишна возраст во текот на изминатите 10 дена опслужи над 100 лица, меѓу нив и околу 70 граѓани во социјален ризик.

Во зависност од локацијата, се упатува тимот, се врши набавката и се доставува на домашна адреса, секако со соодветна заштита на самите тимови. Самите граѓани си ги обезбедуваат средствата за потребните намирници. Тоа се однесува на набавка на намирници за домашни потреби, набавка на лекови, препишување на рецепти кај матичен лекар и слични неопходни работи. Волонтерите на Црвен крст помагаат и доколку овие граѓани имаат потреба за уплата на сметки, вадење на упати, случај на земање на инсулин, како и сите работи во банка, плаќање на сметки или кредит.

Мобилните тимови се активни секој ден (вклучително и во викенд). Граѓаните на кои им е потребна поддршка од овие тимови, можат да стапат во контакт со Црвен крст Охрид од 8 до 16 часот, на следниве телефонски броеви:  046 261 909, 070 315 309, 13 112 (скратениот број на Планинската спасителна служба). За неодложни/итни потреби, граѓаните можат да се јават на 13 112 и по 16 часот.

Црвен крст Охрид упатува апел до граѓаните да ги почитуваат препораките од Владата и Министерството за Здравство за заштита од новиот коронавирус и да останат дома. Ги охрабруваат граѓаните да се јават доколку имаат потреба од доставување на храна, средства за хигиена и сл.

OhridNews