Поради ниската еколошка свест и несовесното однесување на голем дел од гостите кои престојуваат во Охрид, екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ спроведуваат секојдневни вонредни активности за чистење на повеќе јавни локации во градот.
Освен отстранување на несоодветно депонираниот отпад, секое утро се врши и чистење на градскиот парк, градскиот кеј, чаршијата, плоштадот, пристаништето, стариот дел на градот и пешачката патека кон Горица.
Ваквите активности за одржување на јавната чистота во градот, ќе продолжат интензивно и во текот на наредниот период, најави градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Утрово беше спроведена и координирана акција на екипите на Ј.П. „Охридски Комуналец“ и Планинската спасителната служба при Црвен крст-Охрид за расчистување на карпестиот и тешко пристапен дел околу Канео.
Се подигна отпадот од локации каде активистите на Црвен крст пристапуваа со голем напор и пожртвуваност. Нема да дозволиме да биде загрозено културното наследство што се создавало со векови и ќе ги заштитиме препознатливите симболи на градот кои младите деновиве од чиста забава ги претворија во депонии. – велат учесниците во акцијата.
OhridNews






















