Еден од најзначајните гудачки квартети на денешницата, „Модиљани“ од Франција вчеравечер музицираше на „Охридско лето“ воодушевувајќи ја фестивалската публика со нивната совршена изведба и внимателно избраната програма.

Концертот беше во рамки на Вечерта на Европската унија што веќе осумнаесетта година по ред се организира на фестивалот со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Р.С.Македонија.
Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна дека преку оваа соработка македонските уметници се промовираат во светот, а најдобрите европски уметници се претставуваат пред овдешната публика.
Навистина ми е многу мило што веќе 18 години го поддржуваме овој фестивал. Тоа е дел од нашата долгогодишна посветеност кон промовирање на музичките вредности. На тој начин се трудиме да ги промовираме македонските уметници во светот, но и обратно, да донесеме различни европски уметници овде. Морам да изразам огромна благодарност до директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски и до селекторката на музичката програма Симона Ѓорчева затоа што направија прекрасен избор со гудачкиот квартет „Модиљани“ кои ги слушнавме во исклучителната атмосфера на црквата „Света Софија“ што претставува една од најбесценетите богатства на Р.С.Македонија, рече заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Нупнау.

OhridNews
					




							






