Градежната компанија Адора Инженеринг е добитник на две високи национални признанија кои ги додели Министерството за економија за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија на 5-тата јубилејна манифестација “Национална награда за општествена одговорност на претпријатијата за 2011 година“, што се одржа вчера.

 Во категоријата животна средина, награден е проектот “Прв охридски енергетски ефикасен градежен бисер“, за елитниот станбен објект Билјанини Извори во Охрид, а признанието во категоријата вложување во заедницата е за проектот “Вложуваме во општините за доброто на граѓаните“, за донацијата на фонтаната Македонија во паркот во општина Кисела Вода во Скопје.


Првиот охридски енергетски ефикасен градежен бисер

На манифестацијата, каде годинава конкурираа 36 претпријатија од државава со 60-тина проекти, во пет категории, АДОРА Инженеринг го доби и специјаланото јубилејно признание за континуирано спроведување на успешни општествено одговорни прктики 2007-2011, што го добија претпријатијата кои имале најголем број проекти и најмногу награди и признанија. Наградите и признанијата на добитниците им ги доделија министерот за еконимија Ваљон Сараќини и амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав.

АДОРА Инженеринг, која годинава одбележува 10 години од постоењето како 20-та најуспешна компанија во Македонија, има традиција на општествено одговорна компанија, а потврда за тоа е и нејзиното членство во Глобалниот Договор на ООН. Во изминатите години, компанијата повеќе пати вложувала за доброто на граѓаните и пошироката заедница во сите општини каде што гради станбено-деловни објекти, со донации на две саат кули, фонтана, зелени површини и уредување на  околината на објектите, кои се градат според најновите светски стандарди и технологии за квалитет, енергетска ефикасност и нови-обновливи извори на енергија, со цел на станарите да им овозможи поквалитетно домување, да ја заштити животната средина и да се грижи за подобар живот на граѓаните. Општествено одговорните активности ќе бидат приоритет во деловната стратегија на компанијата и во наредните години, информираат од Адора Инженеринг.

Инаку АДОРА Инженеринг, Цементарница „Усје“, „Македонија лек“, „Фени индустри“, „Дониа“, АД ЕЛЕМ, „Макпрогрес“, „Принцес груп, „ЕВН Македонија“, Пивара „Скопје“, „Ренова“ од Џепчиште и Американ колеџ  се годинешни добитници на наградите за општествена одговорност на претпријатијата.

Церемонијата на доделување на Националната награда за општествено одговорни практики за 2011 година, петта по ред, е  дел од проектот „Општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, кофинансиран од Европската Комисија, а спроведуван од Министерството за економија, во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението „Конект“, со цел промовирање на позитивните практики на општествено одговорно делување, како и унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Република Македонија.

OhridNews