Од ЈУ Национален парк „Галичица“ информираат дека е воведено 24 часовно чување на паркот и дека во тек е делење на флаери , во кои има упатство за заштита од пожари и како граѓаните да реагираат доколку приметат пожар.
– Работиме на едукација на граѓаните и за таа цел испечатени се 10.000 флаери кои се делат на штандови поставени во паркот и во угостителските објекти. Законска обврска на граѓаните е доколку приметат пожар веднаш тоа да го пријават на телефонските броеви 193 или 195.Се надеваме дека и оваа година нема да има потреба да се интервенира поради избивање на пожар, како што беше изминатите пет години, вели Наумче Новески од ЈУ Национален парк „Галичица“.
Доколку продолжат високите температури се очекува и воведување на ограничено движење во националниот парк, што значи дека секој кој сака да го посети паркот ќе треба тоа да го направи со дозвола.
Од Национален парк „Галичица“ потенцираат дека поради обилните врнежи од дожд во изминатиот период вегетацијата е бујна и дека и најмало невнимание или несовесно однесување на посетителите би можело да доведе до предизвикување на пожар кој материјално би го уназадил паркот за неколку години.