Македонските туристички работници на штотуку завршениот саем за туризам во Белград промовираа конкурентни цени на седумдневни аранжмани во Охрид со чартер автобуси кои ќе тргнуваат од српската престолнина. На добрата вест најмногу и се израдуваа охридските туристички работници, издавачи на соби, угостителите. Но колку што треба да бидат задоволни, исто толку треба и да се загрижат затоа што гостите ќе ни доаѓаат со автобуси кои ќе се тресат по руинираните македонски патишта.
Покрај тоа што автопатски не е поврзан, Охрид има проблем и со локалната патна мрежа и паркинг просторот. Регионалниот пат кон Св. Наум, инаку најфрекфентен во летната туристичка сезона е во голем дел уништен. Изграден далеку во минатиот век со опасни и тесни свиоци и непрегледен, овој патен правец е вистинска анти реклама за охридскиот туризам.
Дваесет години од осамостојувањето во Охрид сериозно не е модернизирана патната мрежа. Освен ново отворениот булевар „Железничка“ и неколку помали зафати, сообраќајот во најголемиот туристички центар во земјава во сезона и натаму е проблем број еден. Дополнително градот хронично пати од недостиг на паркинг простор, а најавените решенија од типот на изградба на катни гаражи и слично, сеуште не се реализираат.
Пред нас се нови избори на кои охриѓани уште еднаш ќе добијат ветување за подобрување на инфраструктурата, без која нема развој на туризам. Но доколку таквите најави не се реализираат скоро, Охрид се помалку ќе го има на туристичките карти. Оттаму и централната и локалната власт, како и оние кои претендираат на овие позиции треба да сфатат дека импровизациите кои на овдешниот народ му се продаваат две децении во светот не минуват, а местата до кои тешко се доаѓа со било каков превоз ги заобиколуваат.
Горан Момироски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com