Труењето на животни во Охрид продолжува. Последниот случај е регистриран викендов на ул. „Карпош Војвода“. Несовесен граѓанин расфрлал отров од кој во тешки маки угина уличното куче Џекица, инаку маалски миленк, информираат од здружението за заштита на животни „Анималиа“.

Отровот беше пресилен, а ветеринарите не се нафатија да дојдат да помогне освен еден кој што не водеше низ процесот за спасување, но за жал животот на Џокица не беше спасен. Сега е во подобар свет, онаму каде што не постојат лошите чичковци кои што ставаат отров во јадењето кое што за нив значи живот. – стои во информацијата објавена на фејсбук страната на „Анималиа“.

Mакедонија е една од ретките земји во Европа каде може лесно да се купи отров од земјоделските атпеки, а никој не води евиденција како истиот се употребува. Поради тоа често се случуваат масовни труења на животни со отрови легално купени на пазарот.

Последните случаи повторно го актуелизираат проблемот со бездомните животни во градот и нехуманиот однос кон нив. Иако постои закон со кој властите се должни да изградат соодветни прифатлишта за згрижување и хуман третман со бездомни животни, во регионот ниту една локална самоуправа го нема решено ова прашање. Градоначалниците од Југозападниот плански регион на заеднички состанок годинава го отворија ова прашање. Се дискутираше за можноста да се изгради регионално прифатлиште, а Струга се понуди да изнајде локација. Доколку оваа идеја не успее, општина Охрид самостојно ќе го реши ова прашање најави тогаш градоначалникот Бакрачески.

OhridNews