Исвиркувајќи ја Владата и Собранието работниците од АД „ЕМО“ Охрид и прилепски „Еурокомпозит“ денеска го изразија својот револт. Протестираа затоа што две и пол години не зеле плата, а не им се платени ниту придонесите. Побараа власта да ги слушне и да го реши проблемот со загубарите.
Гневни се бидејќи заедно со нивните семејства едвај преживуваат. Велат за нив празниците како да не доаѓаат бидејќи ни самите не знаат како ќе ги дочекаат.
Протестот на „ЕМО“ и „Еурокомпозит“ го поддржа синдикатот за индустрија од каде велат дека овие работници се во многу лоша ситуација, не се ниту вработени ниту невработени. Прашуваат како може во време кога се бара да се плаќаат придонеси и на хонорарците, државата да не го регулира статусот на овие луѓе
Работниците бараат Владата да ги опфати со последниот закон за стечај. Инаку иако имаше неколку обиди за продажба на „ЕМО“ тие беа безуспешни. „Еурокомпозит“ работи, но сепак вработените плата не земаат. И покрај тоа што нивни преставници беа повикани во Владата, средба со премиерот не се одржа, поради што синдикатот најави помасовни протести.
OhridNews
Извор „Телма“