Вработени од АД ЕМО Охрид денес со мирен протест пред општинската зграда побараа надлежните што поскоро да ги решат нивните проблеми. Сметаат дека преку локалната власт ќе ја анимираат и централната која е одговорна за решавање на статусот на ЕМО.
– Остваривме средба со секретарот на општината на кого му ги изнесовме сите проблеми- неисплатените 30 до 40 плати, немањето предмет на работа, нерешениот статус, немање здравствени картони што е голем проблем кога нема исплатено плати, а треба да се плаќаат здравствени услуги. Знаеме дека локалната самоуправа нема директна надлежност, но имајќи предвид дека овие луѓе се жители на општината, локалната има обврска да се грижи за своите граѓани. Оттука и нивната обврска ова прашање го подигнат на едно повисоко ниво. И локалната и централната власт се од иста политичка опција и сметаме дека на овој начин полесно ќе биде анимирањето на надлежните при централната власт кои треба да ги решаваат проблемите, рече Пеце Ристески, претседател на синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.
На средбата на претставниците на синдикатот и дел од вработените со секретарот Димитар Спасески, тие беа информирани дека градоначалникот во континуитет се залага за решавање на проблемите во компанијата и дека во тесна соработка со владата се работи на решение со кое ЕМО ќе излезе од тешката ситуација во која се наоѓа.
– Општината нема директна надлежност за решавање на статусот на ЕМО ниту во процесот на продажба, ниту во рестартирање на производството , но она што е наша грижа се вработените во фирмата како граѓани на општина Охрид и од тие причини како локална сме заинтересирани како ќе оди понатаму процесот со рестартирање на компанијата и до каде е постапката. Веднаш ќе ги известиме надлежните во централната власт и заедно ќе очекуваме да се изнајде решение, изјави секретарот Спасески.
Претходно распишаните тендери на владата за продажба на АД ЕМО Охрид пропаднаа. Со законот донесен во собранието обесштетени беа дел од вработените во компанијата по што на работните места останаа уште 200 вработени. Покрај најавите за рестартирање на фабриката, во изминатиот период имаше и најава за започнување со работа на странска компанија за производство на делови за автомобилската индустрија која се очекува да функционира во дел од погоните на ЕМО.
Т.К.