Вработените со договор на дело, од ЈОУДГ,, Јасна Ристеска” од Охрид и ,,Осми март” од Струга,се приклучуваат кон штрајкот организиран од другите градинки низ Македонија, а со цел исполнување на барањата за решавање на статусот на овие вработени до добивање на решенија на неопределено време.

Заради немање финансиски средства не сме во можност да им се придружиме со нашето физичко присуство на нашите колеги кои штрајкуваат во Скопје. Не има од сите профили, што значи воспитувачки и негователки, технички персонал, хигиеничарки, готвачки, како и администрација, сметководители, правници и благајници, велат вработените со договор на дело од овие две градинки.

Тие објаснуваат дека се обесправени во однос на личниот доход затоа што примаат минимален личен доход од 5. 000 денари. При тоа, немаат право на користење на годишен одмор, а потенцираат дека многу од нив останале со нерешен брачен статус, без деца или само со едно дете поради нерешениот работен статус.

Не можеме да го планираме семејството. Меѓу нас има и такви кои во градинката работат три, четри па дури и девет, десет години- период од животот во кој секој човек може да оствари брак, деца, а ние во тој поглед сме обесправени, велат тие.

Се надеваат дека министерот за труд и социјална политика, Џелал Бајрами ќе има разбирање за нивниот проблем и дека ќе пристапи во решавање на истиот.

OhridNews