Сите 28 вработени со договор на дело во ЈУДГ Јасна Ристеска во Охрид се повеќе од неопходни за нормално функционирање на градинката и правилно згрижување на децата, велат надлежните од охридската Локална самоуправа.

Тие објаснуваат дека воспитувачките, негувателките и техничкиот персонал чии вработувања веќе неколку години ги оспорува Министерството за труд и социјална политика, се ангажирани во согласност со Нормативите за работењето на градинките, изготвени од истото министерство.

– Најголемата иронија е во тоа што повеќе од 80 проценти од овие работни места не се направени по нова систематизација,  туку тие се  веќе постоечки работни места чии извршители се пензионирани. Значи министертвото треба да даде согласност за веќе постоечки работни места. Останатите вработени со договор на дело се ангажирани поради зголемените потреби на градинката, кои произлегуваат од поголемиот број на згрижени деца, а истите се во согласност со пропишаните нормативи за вработувања. -вели Митре Велјаноски, надлежен во делот на образованието, при Општина Охрид.

Тој не се согласува со изјавата на Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешески, во која се  вели дека новите вработувања општините треба да ги превземат на своја одговорност.


-Тоа може да важи за општините кои се влезени во втората фаза од децентрализација. Општина Охрид е сеуште во првата фаза од децентрализацијата што значи дека нема целосни ингенции врз градинките. Платите за овие вработени до сега се обезбедуваа преку дотациите за нафта, а поради тоа што овие средства секоја година недостигаат, со пренамена на средства од општинскиот буџет, ги надополнувавме кусоците.-објаснува Велјаноски.

Тој нагласува дека општината ги превзела овие обврски на свој товар со цел да се обезбеди нормално работење на охридските градинки и да бидат соодветно згрижени сите деца кои престојуваат во истите.

Покрај тоа што немаат решенија за работа, ангажираните воспитувачки, негувателки и технички персонал во охридската градинка, не им се уплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Меѓу нив има и такви кои без редовен работен однос работат и повеќе од 8 години. Нивните вкупни месечни примања, заедно со хранарината и трошоците за пат, изнесуваат по околу  6.000 денари.

Тие заедно со своите колешки од други општини веќе три пати протестираа пред Владата барајќи да им се реши нивниот статус. На вчерашниот протест од Владата добија ветување дека вработените кои се најмалку две години со нерегулиран стаж, да преминат во траен работен однос.

Е.Е.