Вработените во охридски ЕМО кои имаат остварено право да бидат прогласени за технолошки вишок согласно законот, не знаат што да прават по најавите дека Владата подготвува пакет мерки за спас на компанијата, но и измени во законот за работни односи со кои сегашната граница од 57 години за жени, односно 59 години за мажи за прогласување технолошки вишок ќе се сведе на 18 месеци пред старосната граница за пензионирање.

-Вработените кои што веќе ги имаат тие години масовно почнаа да размислуваат и да ни се јавуваат како да го остварат своето право, како не би биле затекнати од новата промена, односно новото законско решение. Но, сето тоа на некој начин се олади малку и се направи голема забуна со  изјавата на министерот Пешески дека во Владата се  размислува за решение за вработените во ЕМО.-изјави Драган Молкоски претседател на синдикатот на СИЕР во ЕМО.

Молкоски смета дека најавената измена во законот за работни односи ќе биде на штета на вработените во компаниите загубари кои се во поодминати години, а со понудениот пакет мерки на Владата за спас на ЕМО едвај ќе може да се подмират придонесите, но не и заостанатите плати на вработените.

-Со новите измени на одење во пензија многу повеќе ни значи исплатата на нето платата што треба да ја земат вработените за гола егзистенција, стажот не дека не треба да се плати, но не ни е најнеопходен во моментов, поголема среќе би имале кога би ни ги испалитиле заостанатите плати, а  сумата предвидена во пакетот од 7 милиони евра е премала за обврските кои што ги има ЕМО.-вели Молкоски.

Владата неодамна предложи пакет мерки за спас на загубарот ЕМО Охрид, преку намалување на бројот на вработени од сегашните 1500 на 500 и продажба на дел од имотот на некогашниот стопански гигант. Планот предвидува трансформација на побарувањата на вработените и исплата на заостанатите обврски кон нив, најмногу до 2.300 евра. Синдикатот смета дека предложениот план е неостварлив доколку не претрпи сериозни измени и очекува владата да го исполни ветувањето дека за 10 дена ќе ги соопшти конкретните мерки за спас на ЕМО, со цел вработените да имаат појасна слика за да можат да одлучат која од можностите кои им ги нуди законот е најповолна за нив.

Горан Момироски