Вработените во судската администрација денеска повторно ќе протестираат пред Министерството за правда барајќи средба со министерот за правда и решавање на нивното барање за зголемување на додатоците на плата за 35 проценти.

Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) велат дека доколку денеска не остварат средба со министерот за правда, тогаш ќе побараат оставка од него.

-Ако Министерството се чувствува одговорно пред своите граѓани, треба да седне и да разговара. Ако не се состанеме значи нивната последна порака е дека го игнорираат штрајкот, што ќе предизвика други реперкусии, изјави вчера претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски.

За следните чекори што ќе бидат преземени, Синдикатот на УПОЗ заедно со синдикалните организации во судовите ќе одлучи на состанок што ќе се одржи по протестот.

Учесниците на протестот ќе се соберат пред зградата на Сојузот на синдикати по што ќе поминат покрај Собранието на Република Македонија, а потоа ќе продолжат пред Министерството за правда.

Судската администрација штрајкува 21 ден, а минатиот петок е одржан состанок со претставници на Судскиот буџетски совет. Вработените бараат зголемување на додатоците на плата за 35 проценти исто како што тоа е регулирано кај судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници.

OhridNews