Проучувачот на македонскиот фолклор Марко Китевски, обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, скулпторот Жарко Башески, поетесата и преведувачка Весна Ацевска-Стојчевска и театарската критичарка Лилјана Мазова во Собранието на Република Македонија ја примија државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и образованието.

Признанијата им ги врачи академик Владо Камбовски, претседател на Одборот за доделување на оваа награда за 2016 година. „Република Македонија денес е мултикултурно општество што се стреми во 21 век да се вклучи во рамноправен натпревар со другите европски општества како општество засновано врз знаења. Тоа значи дека развојот на обрзованието, науката, културата и другите општествени дејности е клучниот просветителски постулат во времето на големите предизвици за нашето општество“, истакна Камбовски.

Во име на петтемина годинашни добитници се заблагодари фолклористот Марко Китевски кој рече дека да се добие оваа награда е голема чест и признание затоа што го носи името на заштитникот на македонскиот народ и патронот на Македонската православна црква, наследничка на Охридската архиепископија, а особено, како што рече, затоа што се случува во годината кога се одбележуваат 1100 години од упокојувањето на светителот Климент.

„Ние ја добиваме оваа награда за тоа што сме го направиле во изминатите неколку децении, но таа не обврзува и во иднина да го славиме свети Климента и да и служиме на нашата татковина. Да создадеме уште нешто по што ќе бидеме препознаени, со конкретни дела да се одолжиме и кон минатите генерации, но да оставиме нешто вредно и за идните поколенија. Свети Климент ни остави аманет да ја чуваме нашата света црква, да го чуваме нашиот јазик, нашето име, а тоа подразбира да ја чуваме нашата татковина“, рече Китевски.