Доделена наградата за најдобра поема на лауреатот Трајче Кацаров со која продолжија свеченостите на годинашните „Прличеви Беседи“. Програмата започна со изведбата на „1762 Лето“ и претставување на наградениот поет и поемата „Цветко“.

За животниот пат и творештвото на Кацаров, пред присутните зборуваше драматургот Зоран Пројкоски. Наградата на лауреатот Кацаров му беше врачена од страна на директорот на Центарот за култура Илче Климоски.

Заблагодарувајќи се на наградата, лауреатот Кацаров, истакна дека во своето творештво секогаш се потпира на делата на големите писатели, поети и филозофи, прибележувајќи одредени мисли, кои понатака во процесот на творечката имагинација секогаш ја имаат во себе потребата да се биде љубен, зошто поетот не постои без љубовта.

Тоа што го напишав во поемата како мото на почетокот кога ја добива наградата „Григор Прличев“ пред десетина години беше една секвенца, мисла која гласи „Она што се пишува со крв тоа треба да се чита, но не само да се чита, туку прочитаното да се долови“. Мојот Цветко во оваа поема својот животен пат избрал да биде среќен или да не постои. Можеби оваа поема е напишана во духот на поетите романтичари, јас мислам дека секој поет треба да е романтичар. Тие најмногу верувале дека можат да го променат светот преку убави зборови, преку силината на мислата. Оваа поема е пишувана на основа на која пишувале античките писатели. Никогаш никој досега не исчекорил од тие принципи кои се користеле во создавањето на античките дела. Се трудев во оваа поема да се служам со тоа што Блаже  Конески ни го оставил како аманет со простата и строга македонска песна, рече Кацаров.

Обраќање пред писутните имаше и градоначалникот Кирил Пецаков кој истакна дека годинашното чествување на делото на македонскиот и светски книжевен великан и преродбеник, овенчаниот со Лаворов венец во Атина, Григор Прличев збогатено е со уште една поема, со која се продолжува традицијата на Прличевата “Сердарот“.

Наградата е достоинствен и високовреднуван дел од современата македонска книжевност. За нас Григор Прличев, бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и народен трибун, човек кој влевал надеж за национално будење и културно самоидентификување. Во тој дух се и идеите на  “Сердарот“ и „Скендербег“  поврзани со борбата за народна слобода и заштита на сиромашните, гладните и унесреќените. Ваквите манифестации посветени на великаните, каков што е Григор Прличев, се вистинското место гласно да ветиме дека ќе ја продолжиме  традиција и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Македонија. На тој пат водилки треба да ни бидат високопоставените, не само уметнички,  туку и етичките и општоцивилизациските вредности на Прличев, истакна градоначалникот Пецаков.

Претставувањето на  наградената поема “Цветко“, нејзините литературни и уметнички вредности пред присутните ги образложи претседателката на жири комисијата Маја Јакимоска Тошиќ, а делови од поемата рецитираа актерите Билјана Билаловиќ и Павел Маслов.

Поемата „Цветко“ пишувана во модернистички манир претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања. Авторот Кацаров во поемата има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја, обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик Цветко, рече Јакимоска Тошиќ.

Инаку, Кацаров беше добитник на наградата „Григор Прличев“ и во 2011 година за поемата „Ако“.

Предходно, во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше поставена изложба на ликовни дела одбрани од колекцијата на Центарот.

Н.С.Ј.