На свеченост што денес се одржа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше врачена наградата за најдобра поема за 2025 на лауреатот Братислав Ташковски за поемата „Темна кутија“ во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ со која се чествува ликот и делото на Прличев.
„Темна кутија“ е една лириско-исповедна поема, поетско објаснување на борбата на доброто и лошото, што е веќе традиционално. Позната работа е дека човекот од кога е жив сака да се бори или да избира, да пребира, да се бунтува против тоа што се случува. Тука има метафори: небото, земјата, пеколот, она што ги влече сите писатели и сите поети низ целото свое време, вели авторот Братислав Ташковски.
Наградата Григор Прличев не само што е престижна, таа е темелна во смисла на тоа дека се повторуваат оние работи за кои што Прличев пред сто и педесет години и повеќе се залагал и се борел за тоа да ги разбие догмите, да живееме во слобода, да не бидеме под туѓи јазични медиуми, да имаме слободна црква и тие работи. Во денешно време наградата како признание е голема работа, што таа се доделува прво на анонимен конкурс. Исто како што Прличев ја има добиено Сердарот на анонимен конкурс и тоа на таа награда и дава посебно значење и посебно внимание. Јас многу сум среќен што еве оваа година, јас сум добитник на таа награда и тоа за мене е нешто што навистина ме прави горд. Јас досега имам добиено многу награди во мојот живот, присутен сум. Меѓутоа, оваа награда за мене е една од тие што навистина, ако не и најповеќе ми значи, вели Ташковски.
Поемата, посочува, за да се напише треба да се почитуваат одредени правила, да се запазат версификација, метрички систем, наратив, дејствие, фабула.
Поемата „Темна кутија“ претставува длабока духовна и егзистенцијална исповед на лирскиот субјект, кој преку долгата драматична исповед го претставува сопствениот судир со судбината, смртта, поезијата и смислата на човечкото постоење. Поетот се искачува до архангелски височини, но судниот збор го исфрла од небесниот благослов. Овој мотив е трансформација на библискиот и митскиот пад не како казна за гордост, туку како вечен поучен престој меѓу два света, посочуваат од Комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2025 година, во состав Славе Ѓорѓо Димоски – претседател и Зоран Анчевски и Андреј Ал Асади- членови.
На Конкурсот оваа година пристигнаа седум поеми и веднаш при првиот прочит се издели поемата на Братислав Ташковски. Тоа е една поема, која што врзува многу цивилизациски слоеви од митологија, антика, па се до денес и во неа поетот е во потрага по идентитетот, местото во системот, во општетството и се чувствува една резигнација дека оној што се занимава со литература, посебно со поезија наоѓа тешки простори, тешки мигови, каде може да се егзистира денес. Тоа можам да го сфатам како еден фадан на романтичарското сфаќање на литературата, потенцира Ѓорѓо Димоски.
Заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска истакна дека претставувањето на најдобрата поема за 2025 година традиционално се одржува во рамките на „Прличевите беседи“ манифестација востанова пред повеќе од седум децении.
Годинешното чествување на македоскиот книжевен великан и преродбеник овенчаниот со ловоров венец во Атина Григор Прличев е збогатено со уште една поема со која се продолжува традицијата на Прличевата „Сердарот“. Наградата дефинитивно е достаен и високо вреднуван дел од современата македонска книжевност. За нас Григор Прличев бил и ќе остане не само врвна преродбеничка фигура, туку и човек кој кај охриѓани ја будел надежта и уверувањето во важноста на образованието, богатството на духовната историја, националното будење и културното самоидентификување. Во тој дух се и идеите на „Сердарот“ и „Скендербег“ поврзани со борбата за народна слобода и заштита на сиромашните, гладните и унесреќените. Ваквите манифестации посветени на великаните како што е Григор Прличев се вистинското место гласно да ветиме дека ќе ја продолжиме традицијата и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Република Макеоднија. На тој пат во одлука треба да бидат високо поставените не само уметнички, туку и етнички и општоцивилизациски етички вредност на Прличев, посочи Крстеска.
Свеченоста започна со изведба на „1762 Лето“ од страна на хорот при НУЦК „Григор Прличев”, а во изложбениот салон беше поставена изложба на ликовни дела одбрани од колекцијата на Центарот.

Фото галерија:
Врачена наградата „Григор Прличев“ на лауреатот Братислав Ташковски
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска






































