По пауза од повеќе од една година охридскиот Народен театар се врати на сцената и тоа со стил. Синоќа во Центарот за култура, премиерно беше изведена новата претстава „ Детектор за лаги“, комедија работена по текст на Василиј Сигарев, во режија на Ненад Витанов.

Претставата е приказна за двајца сопружници кои имаат нарушени односи, а проблемите се обидуваат да ги решат со помош на психијатар – хипнотизер. Но тогаш се откриваат тајните и лагите со кои сопружниците живееле со години и почнува голема театарска комедија.

Публиката уживаше во претставата во која маестрална изведба имаа актерите Јасмина Билаловиќ, Стрезо Стаматовски и Никола Тодороски. Тие до солзи ги насмеаа присутните, кои со овации ја наградија одличната театарска изведба.

Да насмееш човек во денешно време кога сите не мачат проблеми, е навистина тешко, извонредна претстава и маестрална изведба на актерите на Охридскиот театар.

Претставата е навистина актуелна и има длабоки пораки. Ни недостасуваше театарот. – беа дел од коментарите од присутните на синоќешната премиера.

Охриѓани репризно ќе може да ја погледнат претставата „Детектор за лаги“, вечерва, од 20 часот во малата сала на Центарот за култура.

Народниот театар од Охрид веќе работи на нова претстава „На дното“, која се очекува премиерно да биде изведена кон крајот на месец ноември.

Г.М.