Охридската фирма „Милкуз“ е меѓу првите охридски фирми кои ја покажа својата општествена одговорност и позитивно одговори на повикот на министерството за труд и социјални работи за помош на социјално загрозените семејства во рамки на проектот „ Топол дом“.

Фирмата „ Милкуз“ донира десет грејни тела од кои пет наменети за социјално загрозени семејства, а останатите за училиштата и две за потребите на објектите на детската градинка „Јасна Ристеска“.

Од Центарот за социјална работа не информираа дека постои потреба за донации за ранливите категории граѓани. Во рамки на нашите можности излеговме во пресрет и дониравме печки на дрва за социјално загрозени граѓани, за училиштата во Охрид и Дебрца и две печки на пелети за градинката. Се надеваме дека ова ќе премине во традиција и дека во иднина ќе има повеќе донации и од други фирми, рече Мери Најдеска, менаџер во фирмата „Милкуз“.

Директорот на Центарот за социјална работа- Охрид, Екрем Каљоши, изрази благодарност за донацијата и ги повика и останатите охридски фирми да донираат.  

Во рамки на проектот Топол дом побаравме од бизнис заедницата да се вклучи и за наша среќа наидовме на прием од страна на оваа фирма. Очекуваме во иднина овој гест да го следат и другите стопанственици кои ќе се вклучат во акцијата и дека ќе биде поголем бројот на компании кои ќе ја покажат својата хуманост, рече Каљоши.

Претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска потенцира дека донацијата на фирмата „Милкуз“ е икслучителна прилика да се покаже како заедницата во повеќе нивоа може координирано да функционира и крајниот резултат да биде една ваква благородна акција. Упати апел до охридските фирми да се вклучат во акцијата, додавајќи дека локалната самоуправа и понатаму ќе помага во координацијата и поврзувањето на фирмите кои помагаат и лицата на кои помошта им е неопходна.  

Т.К.