Редок примерок на пушка „даљанка“ од 18.век, и други вредни историски експонати се пронајдени во подводното депо кај Сараиште, каде денеска започнаа активности за вадење на оружјето од водите на Охридското Езеро.
пушката „даљанка“ откриена во Охридското Езеро
Оружјето во Охридското езеро најверојатно го оставиле Турците кои на тој начин се ослободувале од него, изјави Никола Целаковски, историчар и кустос во охридскиот Завод и музеј.

Пронајден е примерок на пушка даљанка од 18.век, која е долга 2,8 метри. Моите сознанија говорат дека на просторите на поранешна Југославија се пронајдени само два примероци од ова ретко орудие, еден е сместен во воениот музеј во Белград, а вториот е овој откриен во Охрид, додава Целакоски.
Оружјето е пронајдено на околу 300 метри од брегот, во длабочина на околу пет до осум метри. Случајно го открил нуркачот Боби Горичан при подводно истражување минатата година. „Оружјето е покриено со седимент и за жал е измешано со ѓубре кое го има во големи количини под вода“, изјави Горичан. Досега од Охридското Езеро се извадени стотина пушки, кубури кои се конзервираат и чуваат во охридскиот Завод и музеј, а под вода има уште оружје, вели Горичан.
Членовите на Клубот за подводни активности од Охрид денеска започнаа со вадење на оружјето од подводното депо кај Сараиште.

Вадењето на оружјето од подводното депо кај Сараиште ќе трае четири до пет дена, а проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура.
Горан Момироски













