Полицијата сеуште трага по крадците кои изминатиот викенд ја ограбија црквата „Св.Никола„ во струшкото село Радожда. Тие со себе однеле 12 вредни икони кои потекнуваат од 19 век како и еден сребрен крст. Материјалната штета се проценува на околу 1.800.000 денари, но вредноста на одземените артефакти како културно истотиско наследство  е немерлива.


Кражбата била вешто изведена, најверојатно ноќно време, велат жителите на познатото крајезерско село, кои не забележале ништо иако црквата Св. Никола која се смета за главна од вкупно седумте храмови колку што ги има таму, се наоѓа во центарот на Радожда.

-Кражбата ја забележавме утрото. Требаше да се одржи богослужба, но видовме дека некој упаднал насилно внатре, по што ја информиравме полицијата, вели Насто Кумбароски, жител на Радожда.


Кражбите во сакралните објекти во струшко во последните неколкку години се честа појава. Поради тоа Музејот „Незлобински“ во соработка со Дебарско Кичевската епархија  започна акција за зачувување на повредните артефакти  од храмовите кои се складираат во специјално депо што беше изградено во Струга,  но црквите во Радожда не се сметале за загрозени, затоа што се работи за населено место.

– Водиме грижа но таа се однесува на културното наследство кое е на приоритетна листа, односно од населби каде нема луѓе. Што се однесува до Радожда тоа е живо село со 500 куќи и над 2000 жители. Тоа не беше ставено на листа и не треба да е, затоа што целта не ни е да ги симнеме сите икони од иконостаси, ние одиме по претходно направена валоризација кои се вредни предмети кои ги складираме и таа акција е при крај и успешно ја спроведуваме. Ова се работи кои не можат да се предвидат, но одговорноста во овој случај е друга бидејќи Радожда е живо село и има црковен одбор, за разлика од селата каде преку зима не живее никој, изјави Сашо Цветкоски од Музејот „Незлобински“.


Кражбата на црквата ја осуди градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, според кого сквернавењето на духовните светилишта е нецивилизациски чин.

Црквата Св. Никола во Радожда втор пат е мета на крадци. Првиот пат биле украдени пари, а вториот пат крадците си заминале со побогат плен. Истата вечер тие насилно влегле и во црквата Св.Архангел Михаил исто така во Радожда, но оттаму не зеле ништо.


Полицијата работи на откривање на сторителите на овој вандалски чин, а во интерес на истрагата не се откриваат повеќе детали.

Г.М.