Одлични беа и реакциите во голем број електронски и печатени холандски медиуми кои ја најавуваа изложбата уште пред таа да биде и официјално отворена, а уште поголем публицитет беше даден по самото отворање, кое и само по себе претставуваше настан од извонредно значење.
Во сите медиуми, без исклучок, оваа досега најголема изложба со која нашата земја се претставува надвор од своите граници беше претставена како културен настан од огромно значење, не само за музејот и градот Утрехт, туку и за Македонија и за Холандија воопшто.
Во холадскиот дневен весник „Троу“, авторот Кејс Страус напиша дека македонските икони што можат да се видат во музејот „Катаријнеконвент“ имаат величествени димензии.
– Ако можат руските икони да се стават под рака, македонските верзии имаат димензии од приближно 130 на 90 см, така што верниците можеле оддалеку да ги видат и да ги поздрават насликаните светци. Иако на оваа изложба не можат да се видат, се прашуваме кои се димензиите на фреските во македонските цркви, од кои во Македонија има приближно 1200, во земја која по територија е околу три четвртини од Холандија – подвлекува во својот напис Страус.
На изложбата беа претставени експонати од најзначајните збирки на икони од Република Македонија, од Музејот на Македонија и од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид (Галерија на икони).
Беа изложени 62 археолошки предмета, 6 примероци од оригинални фрагменти од средновековен живопис, 52 икони, 39 литургиски предмети, меѓу кои и репрезентативни предмети од османлискиот период употребувани за извршување на верски обреди, како и избор на предмети поврзани со верската практика на еврејската заедница во Република Македонија од различни периоди.
Според Министерството за култура на Република Македонија иницијативата за организирање на оваа голема изложба е од големо значење поради фактот што извонредно значаен сегмент од македонската историја беше презентиран пред холандската јавност, што ќе придонесе за продлабочување на културните врски што постојат меѓу Република Македонија и Кралството Холандија.