Угостителите треба да ги прифатат современите практики и да го подобрат односот кон гостите, со што ќе придонесат за подобрување на туристичкиот имиџ на Охрид, истакнаа учесниците на обуката за протокол и бон- тон за вработените во хотелиерството и угостителството, што во организација на Академијата за протокол и Секторот за туризам и локален економски развој при Локалната самоуправа се одржа денес, во хотелот „Белведере“.
-Доста не исмејуваат по разни скечеви, потребни се квалитативни промени и ние сме подготвени да ги примениме и да го обучиме соодветно нашиот персонал, вели Благојче Ристески, сопственик и менаџер на познатиот ресторанот „Острово“.
Според раководителот на ТЛЕР при општина Охрид, Гоце Симоноски целта на ваквите обуки е да се подобрат вештините на туристичките работници.
– Статистички голем број гости не се враќаат повторно во туристичките дестинации кои ги посетиле поради лошите услугите кои ги добиле, затоа треба да се обрати внимание на многу поединости доколку сакаме да имаме туристи кои повторно ќе навраќаат, рече Симоноски.
Обуката, како што истакна Лукреција Маљковиќ Атанасовска, директор na Академијата за протокол на Македонија, ќе се фокусира на работата со гости, на финеси поврзани со храната и пијалаците, како и на дипломатскиот протокол.
-Охрид е наш најголем амбасадор. Тука доаѓаат високи делегации од целиот свет и тие правила мора да се познаваат, истакна Маљковиќ Атанасовска.
Денешната обука е дел од напорите на Локалната самоуправа и туристичките работници за подобрување на угостителските услуги во Охрид.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com