– Без разлика кој ни е противник, ние на секој натпревар на домашен терен одиме на победа. Очекуваме голема посетеност и голема поддршка од нашите верни навивачи. Долго време се припремаме за почеток од сезоната, а нема подобар старт ако успееме да го совладаме есенскиот првак во Првата лига, екипата на Струга – истакнаа од клубот Р.К. Охрид 2011.
Во претходните два натпревари пред своите гледачи ракометарите на Охрид 2011 два пати славеа над Струга. Во првата полусезона од Првата машка ракометна лига охридската тврдина остана неосвена и охриѓани имаат стопостотен ефект на домашен терен.
– На домашен терен сме два пати посилни, поддршката од навивачите секогаш ни е мотивација за подобри резултати. Навивачите нека направат добра и коректна атмосфера, а ракометарите нека прикажат врвен ракомет – потенцираат од охридскиот клуб.
На дерби дуелот во Купот на Македонија свое присуство најавија навивачките групи “рибари“ и “паткари“, кои се очекува да направат фантастична атмосфера во “Билјанини Извори“.