
Дека без ајвар не се може, освен анкетата на нашиот портал, тоа го докажуваат и граѓаните анкетирани вчера на градскиот пазар. ” Се има да се купи, ама пари нема. Сепак ќе направам ајвар зашто моите внуци кога ќе дојдат на гости само тоа јадат”, рече една возрасна госпоѓа која ја затекнавме на градскиот пазар. Нејзината сосетка заинтересирана за купување пиперки рече дека ајварот е задолжително јадење во нејзиниот дом. “Минатата година направив ајвар со 50 килограми пиперки, но годинава планирам да ја удвојам количината, иако со парите едвај се излегува на крај”, рече таа. ” Иако свесни дека правењето ајвар е мачна работа и дека овој вид зимница не е ни малку хранлив, јас и мојата сопруга денеска излеговме да видиме како се движат цените на пиперките. И двајцата сме невработени, но по некоја тегла мора да се направи зашто зимата е долга” ни кажа еден граѓанин. За една друга госпоѓа, правењето ајвар е традиција, па и да не се издеде, мора да се направи. Затекнавме еден млад брачен пар на една од тезгите во пазарот и на нашето прашање дали годинава ќе прават ајвар, одговорот беше дека тие воопшто и не прават зимница. “Купуваме свеж зеленчук, и како таков го конзумираме. Нашите работни обврски не ни даваат доволно време за да ги подготвиме. За среќа, се што ни е потребно веќе го има во индустријата, па така, си нарачуваме се што ни треба. Којзнае, можеби е и поисплатливо”, ни рекоа тие. Сепак имаше и такви кои одговорија дека не можат да одвојат пари за ајвар.

Традицијата на правење зимница на овие простори е стара со векови. Зимницата е извор на многу витамини и други хранливи материи во текот на зимата, велат нутриционистите. Тоа се однесува пред се на киселата зелка, туршијата,компоти, џемови и во поново време и длабоко замрзнување на зеленчукот и овошјето. Што се однесува до ајварот, тој нема голема нутриционистичка вредност, поради долготрајната термичка обработка на пиперките при печењето, а потоа при пржењето на ајварот, велат прехрамбените технолози кои ги консултиравме. Во поново време зимницата се повеќе се произведува индустриски, а зголемен е и трендот на купување готови производи. Дел од граѓаните се’ почесто се решаваат за купување готови зимници, кои исто така се со добар квалитет, велат технолозите.

Дали новиот закон ќе се почитува доследно, останува да покаже времето, но едно е сигурно, и оваа есен, ќумбињата ќе бидат распалени, а ајварот ќе биде дел од исхраната на Македонците. Или, како што ни рече еден закупец на тезга во градскиот пазар, “Македонецот во светот ќе го препознаете по пиперката. Каде и да оди, таа е дел од неговата трпеза”.
Горан Момироски












