Синоќа во хотелот „Метропол“ во Охрид свечено беше отворен петтиот Меѓународен конгрес на анестезиолозите во Македонија.
На свеченото отварање на овој научен собир на кој учествуваат врвни македонски и странски анестезиолози, се обратија ректорот на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, проф Велимир Стојковски, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Никола Јанкуловски и градоначалникот на Охрид, д-р Никола Бакрачески.
„Како доктор по медицина, јас сум убеден дека вакви конгреси се едни од најдобрите начини за осознавање на новитетите во медицинската наука како и проширување на лични искуства и пријателства. Како градоначалник морам да ве потсетам дека во наредните неколку дена ќе бидете гости на град со извонредна историја и исклучителна природна убавина.“ – рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, на синоќешното свечено отворање на конгресот.
Дел од темите кои ќе се обработуваат во рамки на конгресот кој ќе трае до недела се: „Хируршки третман на Абдоминална компартман синдром“, „Предизвици во ендоскопски процедури на дишните патишта и хирургија“, „Кардиоваскуларна хирургија-тековните концепти“, „Инвазивни процедури во одделот за интензивна нега“ и многу други анестезиолошки теми.
OhridNews