Одгледувањето украсни птици станува се поинтересно за македонските граѓани, со оглед на тоа што неколкуте годишни изложби во земјава го привлекуваат вниманието не само на домашната јавност, туку и на љубителите на животни од соседството.
Деновиве во посета на Охрид се претседателот на Белгискиот сојуз на одгледувачи на живина и член на Комисијата за живина при Европскиот сојуз, Енди Гумеренс, претседателот на Хрватскиот сојуз на здруженија одгледувачи на украсни птици и ситни животни, Жељко Шерепац, како и членот во Европскиот сојуз за стандардизација на живина, Крешимир Сафунджак. Нивната цел е пружање помош на новоформираниот Македонски сојуз и негова поголема афирмација ширум европските земји.
„Овие денови, во посета на новоформираниот Македонски сојуз се врвни познавачи од оваа област. По нивна иницијатива, а на наше големо задоволство беа посетени голем број одлгедувачи, каде се запознавме со македонските автохтони раси. Желбата беше да се види на лице место вистинскиот квалитет, разноликоста во одгледувањето и „летот“ на македонските птици кои се на едно високо ниво.“ – изјави Ванчо Илиевски, претседател на Македонскиот сојуз на одгледувачи на украсни птици и живина.
Како што потенцира Илиевски, меѓу приоритетите на Македонскиот сојуз се соработка со останатите европски сојузи, стандардизација и признавање на автохтоните раси од земјава, односно бележење на птиците кои се одгледуваат во Македонија со европски алки.
„Настојуваме овие украсни птици од нашето поднебје да бидат признати од европските структури, бидејќи тоа е единствен начин како би ја претставиле нашата земја на стариот континент. Нашите амбиции се соработка со одгледувачите од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија, бидејќи тоа се сојузи кои гравитираат во наша близина. Исто така, сакаме нашите птици да бидат обележани со алки кои ги користат врвните европски одгледувачи. Понатака, една од желбите е нашиот сојуз да биде зачленет во европските институции како еден рамоноправен член.“ – потенцира Илиевски.
Првите впечатоци на странските гости се дека во земјава постојат квалитетни „легла“ на автохтони раси, кои се во процес на стандардизација.
„Добро би било Македонскиот сојуз да се разивива во позитивен правец, бидејќи тука постојат голем број познавачи и одлгедувачи на птици. Дојден сум да поразговарам, да сугерирам и да ги видам македонските гулаби кои се во постапка на признавање. Постои добар материјал, волја и критична маса, а хрватските одгледувачи се отворени да помогнат на колегите од Македонија. Вакви посети планираме и во идниот период, но на уште повисоко ниво. Не само комуникација помеѓу двата сојузи, туку заемно поврзување меѓу поедините здруженија и друштва, односно одгледувачи.“ – изјави Шерепац.
Охриѓанецот Тане Србиноски кој 20-тина години се занимава со ова необично хоби и неколкупати се има стекнато со награда за најдобар одгледувач во земјава, вели дека Охрид треба да биде познат не само како туристички град, туку како место на врвни одгледувачи на птици.
„Нашите колеги од Хрватска се дојдени да ни помогнат и да ни дадат насока за усовршување, со цел да влеземе во рамките на европскиот сојуз и еднаш засекогаш, да излеземе од тој затворен оквир на Република Македонија.“ – вели Србиноски, докажан судија на украсни гулаби и член на Здруежението „Дијамантски Петел“ од Тетово.
Како што тој објаснува, идните планови се насочени кон стандардизација на македонскиот донек, македонската масарка, охридскиот типлер и охридската гаќеста ластовица.
„Планираме со нивна помош да ги патентираме и промовираме овие раси, бидејќи, како што сме запознаени, постојат индиции од некои земји од соседството да ги приберат како нивен и готов материјал. Сакам да изразам благодарност на гостите, Вам како медиум и ресторанот Буре во Градиште, кој ни удоволи прекрасно место и ручек за гостите кои дојдоа да не посетат во Охрид.“ – истакнува Србиноски.
Инаку, македонските љубители на украсни птици години наназад се соочуваат со проблеми, доколку сакаат да внесат или изнесат живина во или вон границите на земјава. Со формирањето на новиот Сојуз, се очекува овие проблеми да бидат надминати.
O.T.