Годинава,  Охрид на едно место ќе ги собере најголемите угостителски експери од речиси сите европски држави. Ова ќе го овозможи  25-тата годишна конференција на Европската асоцијација на хотелско-туристички училишта (АЕХТ), чиј домаќин е Република Македонија. Со овој врвен угостителски собир, кој ќе се одржува од 8 до 13 октомври, Охрид  ќе влезе во мапата на европските угостителски дестинации, што е од исклучителна важност за развојот на туризмот. Во рамки на четиридневниот настан се очекува да присуствуваат над 1000 ученици, професори, директори од околу 430 европски училишта.

Знамето на АЕХТ за  организација на 25-тата Годишна конференција го носи угостителското училиште  „Лазар Танев“ од Скопје, но значајно место во организирањето и логистиката на настанот ќе заземе и Охридското угостителско училиште ,,Ванчо Питошески”.


– Подготовките за организација веќе започнаа. Пред две недели тука во Охрид, беше бордот на директори на асоцијацијата  АЕХТ, за да одблиску се запознаат со условите и капацитетите за организација кои ги нуди нашиот регион. Беа презадоволи од она што видоа и од она што им беше покажано и донесоа одлука дека Охрид и официјално ќе биде домаќина на оваа годишна конференција, информираше Секула Баткоски, директор на угостителско училиште Ванчо Питошески.

Тој појасни дека освен официјалниот дел на конференција, ќе се одржуваат и натпревари во повеќе кулинарски и угостителски дисиплини, како што се уметност во кулинарството, ресторанско послужување, подготовка на пециво, служње на вино, подготовка на коктели и слични дисциплини.

– Се надеваме дека свеченото отворање во Охрид ќе биде организирано во спортската арена „Атина Бојаџи“. Според планираното, манифестацијата четири дена ќе се одржува во Охрид, додека пак гала вечерта и завршната церемонија, кои ќе бидат во рамки на  последниот ден ќе се одржат во Скопје, вели Баткоски.


Тој нагласи дека одржувањето на овој настан ќе биде голема придобивка за охридскиот и воопшто за македонскиот туризам.

-Самиот податок што ќе дојдат толку гости од странство секако е доста значајно, а дополнително значење има и самиот факт што заедно со учениците, ќе дојдат голем број врвни експери и значајни имиња за угостителство. Тоа позитивно ќе влијае за промоција на Македонија, потенцираше Баткоски.

Годишната конфернција на АЕХТ минатата година се одржа во Хаг, Холандија. Инаку АЕХТ е Европската асоцијација на хотелско-туристички училишта во која членуваат угостителски училишта, виши и високи школи за угостителство од  44 Европски земји. Асоцијацијата била  создадено во 1988 година на иницијатива на угостителските експерти Жан-Пол Бернар и Мартин Брудер. Во моменетов претседател на асоцијацијата е Клаус Ененгел.

Е.М