Без победник (1-1) заврши дербито помеѓу Струга Трим Лум и Гостивар одиграно на Градскиот стадион во Струга во третата рунда во Втората фудбалска лига-запад.

Стружани можат да жалат за преостанатите два бодови, бидејќи имаа водство точно еден час во мечот и уште неколку убави прилики за втор погодок. Гостите од единствениот обид кон противничкиот гол постигнаа погодок.

Мотивирано и агресивно домашните фудбалери го започнаа натпреварот, кој се одигра пред 350 гледачи во Струга. Таквата игра плод им донесе по осум минути игра кога Благојче Главевски го надскока својот чувар и ја погоди мрежата на гостинскиот голман.

Постигнатиот погодок им даде крилија на домаќините кои створија уште неколку прилики, но изостана вториот гол. Најубата можност за втор погодок ја имаше Љупче Трпески, но неговиот удар со глава заврши покрај стативата во гол аут.

Во вториот дел стружани продолжија да напаѓаат и покрај водството, но немаа некоја посериозна прилика за погодок.

Гостиварчани во 68-та минута изедначија преку Бобан Мариќ. Напаѓачот им се прикраде на одбраната и се ослободи од своите чувари и од косо надвор од 20-тина метри го погоди спротивниот агол на голманот Георгиевски, кој успеа само да ја допре топката, а не и да ја одбрани.

Двете екипи до финишот имаа по една прилика, но поделбата на бодовите на крајот беше и најреален исход.

Гостивар остана на врвот на табелата, додека Струга со два бодови помалку се наоѓа на третата позиција.

Резултати:

Запад: Новаци – Локомотива 1-1, Струга Трим Лум – Гостивар 1-1, Тетекс – Еуромилк ГЛ 1-2, Македонија ЃП – Лабуништа 1-1, Велазерими – Зајази 1-0

Табела: Гостивар 7 бода, Велазерими 6, Струга Трим Лум 5, Тетекс 4, Локомотива 4, Новаци 4, Еуромилк ГЛ 4, Македонија ЃП 2, Лабуништа 2, Зајази 1 бод.

Исток: Хоризонт Турново – Тиквеш 2-5, Борец – Брегалница 1-0, Осогово – Плачковица 2-1, Победа Валандово – Кожуф 1-2, Беласица – Каменица Саса (19 часот).

Табела: Борец 7 бода, Беласица (-1) 6 бода, Тиквеш 6, Кожуф 6, Осогово 6, Брегалница 4, Плачковица 3, Победа Валандово 2, Каменица Саса (-1) и Хоризонт Турново 0.

Мх.П.