Вториот фестивалски ден на ДримON посветен на лицата со посебни потреби, за пристапноста и пречките во општеството. Денешната панел дискусија  ја отвори Александар Матовски- ЦАКО со читање на поезија за убавините на Струга и неговиот престој во Радожда. Учество во панелот зедоа и Игор Шајноски, продавач на Лице в Лице и Анита Гагоска од дневниот центар за лица со попреченост “Порака НОВА”. Дискусијата предизвика голем интерес кај публиката, која го исполни просторот на Летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Главниот фокус на панелот беше интеграцијата на лицата со попреченост во локалната средина и нивната социјализација. Од страна на учесниците беше истакнато дека како што се развива општеството така некои работи се менуваат на подобро, но без соработка со институциите и училиштата.

Во соработка со Шведската амбасада, во рамки на фестивалот беше отворена изложбата “Accessability”.

Саботниот фестивалски ден ќе започне со авантурата за деца, а ќе продолжи со уште една детска работилница за креативност со отпадот. Во 17 часот на зелената зона ќе има презентација на “Од нула до нула” која има цел да ги поддучат граѓаните како да го намалат создавањето на отпад. Веднаш потоа, во 19:30, следува презентацијата на “Паратисима Скопје”.

Саботната панел дискусија „Жени со мустаќи“ е дел од програмата “За женските каузи”  поддржан од „Цивика Мобилитас“. Модератор на дебатата ќе биде новинарката и активистка Ана Јовсковска, а со учество на Ана Василева и Албулена Карага.  

Во 21:00 во ДримОН киното ќе се прикажуваат кратки филмови од Астер фест во селекција на Влатко Галевски. За добра летна журка, ДримОН ги носат “Бед копи” и ГОЦЕ САФ.

OhridNews