Тој посочи дека двајцата директори заеднички се надлежни и одговорни за изготвување предлог план за јавни набавки и доставување до Управниот одбор на ЈЗУ за негово донесување, планирање, одлучување, потпишување договори за јавни набавки, следење и нивна реализација, вработување, престанок на работниот однос, распоред на здравствените работници и здравствените соработници во смени, определување групи за работа, како и за донесување решенија за наградување на вработените во ЈЗУ.
– Самостојна надлежност на медицинскиот директор е организација на работата на здравствените работници, а на организацискиот директор – организација на вработените во ЈЗУ кои не се здравствени работници и соработници, контролата за нивно почитување на работното време, поведување дисциплинска постапка, изрекување казни за повреда на прописите за вработените кои не се здравствени работници, материјално – финансиското работење и сметководство на ЈЗУ, рече Тодоров.
Во надлежност на организациските менаџери, посочи тој, е и обезбедувањето и одржувањето хигиенски и инфраструктурни услови за работа во ЈЗУ, одлучување за правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос на вработените, снабденоста со потрошни материјали, наплата на сопствени приходи на ЈЗУ, како и на учеството на осигурениците со лични средства во цената на здравствените услуги во ЈЗУ.