Македонската пливачка легенда Томи Стефановски втора година по ред плива за поголема инклузивност во спортот. Денешниот хуманитарен настан се поврзува со одлежување на 16 години од неговото препливување на каналот Ла Манш, па во оваа насока Стефановски плива денес 16 километри по Охридското Езеро од месноста Пештани до Црквата Канео во Охрид, па назад до Охридското пристаниште.
Мојот јубилеј би сакал да го посветам кон хумани цели, поточно да ја подигнам свеста и да креирам подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование. Заедно со вас и вашата поддршка ќе им дадеме можност на многу лица и деца да го достигнат својот потенцијал, да уживаат во благодетите од спортот и да имаат поисполнет живот, вели Стефановски.
Воедно посочува на едно од неговите најголеми достигнувања во кариерата, а тоа е препливувањето на каналот Ла Манш на 14 август во 2009-та година.
Таа година беше 50-годишен јубилеј од првото препливување на каналот од страна на еден македонец (Нико Нестор, 1958) и 40-годишнината од препливувањето на првата македонка (Атина Бојаџи, 1969). Мојот подвиг траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149-годишната историја на препливувањата на каналот (Капетан Метју Веб, 1875), додава Стефановски.
Минатата година Стефановски преплива 15 километри во Охридско Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица. Хуманиот подвиг „Пливање за инклузија“ по повод 15-годишнината од препливување на каналот Ла Манш, Стефановски го започна од хотел Десарет во месноста Пештани, пливајќи до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште.
OhridNews