Во предговорот кон ова издание, уредникот М-р Лидија Размоска пишува:
„Кој никогаш не ја почувствувал вистината за светот, тој никогаш не се спознал себеси, бидејќи приказната започнува со почеток во кој минатото се заборава, а целта кон која се трага е иднината. Во таков тотален мир мислите ја напуштаат реалноста и ја зграпчуваат фантазијата, започнувајќи го длабокото патување. Како врата низ која се влегува, а по желба се излегува.
Потрагата на главниот јунак во романот “Премин во магла” започнува од пристапна точка кадешто започнува недогледната широчина, од просторот во кој зрачи љубов. Но дали љубовта може да се пронајде во Англија, студената земја во која „единствено ветрот може да ја собере маглата во дождоносни облаци“?! Со таква надеж и желба за доживување на секој нов ден живее Микеле, препознавајќи ја непристапноста и непосакуваноста, и во исто време, желбата за заедничко дружење кај Фиона, како карактеристика својствена за човек кој длабоко во себе ја сокрил љубовта, плашејќи се да ја сподели дури и со некој кој безусловно ја дарува. Фиона е ликот во романот кој ја претставува онаа страна од љубовта што е доведена во искушение и заради кое најчесто човек може да се заврти на спротивната страна и да си замине. Заминување со бавен чекор кон непознатото. Кон преминот што на едната страна е тенка линија со реалноста, а на другата почеток со несекојдневни моменти заглавени во тркалото на среќата, со нови непознати лица, трагачи по сопствената среќа, кои оставаат печат врз секојдневното живеење на Микеле. Секој нов ден значи нова надеж, нова среќа, нов почеток, ново патување.
Уште со појавата на првото издание во 2005 година, чиј издавач беше реномираната издавачка куќа „Современост“ од Скопје, книгата го привлече вниманието на македонската читателска јавност, но и на литературната критика. Книгата беше објавена и на англиски и бугарски јазик.
Охридскиот писател Мишо Јузмески е автор и на книгите „Нека биде светлина“ – есеи, „Пофални слова“ – есеи и „Елшани – живот меѓу каменот и водата“ – монографија.