Македонскиот автомобилист, Ристо Вуков, го имаше најдобриот Гран при викенд во двете досегашни сезони од Порше Карера Куп Италија. Тој на патеката „Франчакорта“ крај Бреша го освои 4. Место во втората трка.

На оваа трка двете бодовни категории возеа посебни трки, па ние од најсилната „Про“ категорија броевме 17 возила. За жал, поради моја грешка што не сакам да ја кријам, на квалификациите немав перфектен круг бидејќи се возеше на зајдисонце и бараше возење „на слепо“. Во такви околности не успеав да ја задржам брзината и не можев да ги проценам точките за сопирање, што на крајот ме чинеше една секунда послаб резултат од оној извозен на утринските тренинзи. Сепак, стартот од 17 место не ме разочара, успеав да вратам неколку позиции уште на стартот од првата трка, а потоа и да престигнам дел од ривалите, додека некои во меѓусебни конфликти се елиминираа меѓусебно. Кога ја завршив првата трка на 9 место, знаев дека имам добра шанса да напредувам уште повеќе во втората, истакна Вуков

Во случајов, на Вуков му одеа во прилог правилата дека секој возач стартува од онаа позиција на која што завршил во првата трка, со исклучок на првата шесторка која што ги ротира позициите.

Денешниот ден започна со дожд, но патеката беше доволно гумирана кога дојде време за нашата трка бидејќи цело време имаше активности и се возеше. Поради инцидентите во три наврати на патеката излегуваше возилото за безбедност, а јас се обидував со секој рестарт да дојдам поблиску до водечките. Така стигнав до 4 место, но во последните неколку круга немав доволно брзина за да направам уште еден престигнувачки маневар. Пред мене беше ланскиот првак Симоне Јакинта, кој во неколку наврати предизвикуваше судири со другите возачи кога ќе беа во дуел на патеката. Помислив дека не сакам да ризикувам, бидејќи тоа можеше да значи крај за еден од нас двајцата, но го следев во чекор. За моја несреќа, во финишот тој забрза и не направи ниту една грешка, па така не добив шанса да го поминам. Задоволен сум од овој викенд, резултатот доаѓа во вистинско време по една тешка сезона во која се соочив со многу повеќе проблеми отколку што очекував. Се надевам дека достојно ќе финиширам во втората сезона која ќе заврши со трката на Монца на крајот од октомври, истакна македонскиот автомобилист.

Вуков е еден од тројцата возачи меѓу првите десет во генералниот пласман што освоил бодови на сите 10 трки сезонава. Последните две трки од гран при викендот во Монца се на програмата на 30 и 31 октомври.

 

ОhridNews