Вулкан на Хаваи се заканува со ерупција во наредните денови или недели откако од него се излеваше лава цела недела, принудувајќи околу 2000 луѓе на евакуација, уништувајќи 36 градби, од кои 26 се домови. Во опасност е и геотермална централа со резерви од 200,000 литри гориво, која била вонредно испразнета.

Експертите стравуваат дека вулканот Килауеа на Големиот Остров би можел да исфрли пепел и камења со големина на фрижидер во атмосферата, но и уверуваат дека ерупциона експлозија не би била смртоносна доколку луѓето останат надвор од затворените области на националниот парк околу вулканот.

Новата закана би можела да го стопира авио-сообраќајот и да предизвика низа други проблеми. Паркот околу вулканот е затворен на неодредено време поради опасноста.

Научниците велат дека вулканот може да еруптира, посочувајќи на слични експлозии во 1925, 1970 и четири други во изминатите неколку илјади години. Тие не можат да ги проценат шансите за таква експлозија, но велат дека внатрешните промени во вулканот може да доведат до експлозија за околу една недела, но сепак неговата внатрешна регулација би можела да го спречи тоа.

Доколку дојде до ерупција, експлозија од врвот би можела да ослободи пареа и сулфур диоксид.

Она што може да се случи всушност не е ерупција на вулкански гасови туку воглавно заробена пареа од брзо загреана подземна вода и камења- изјави Џанин Крипнер од Универзитетот Конкорд во Вест Вирџинија.

Проблемот е во тоа што басенот од лава на врвот од вулканот истекува брзо, односно околу два метри на час, вели научникот Мандевил.

За помалку од една недела, нивото на лавата од ниво на излевање се намалило до 295 метри под површината. Нивото на лавата опаѓа поради излевањето од помали пукнатини на планината, намалувајќи го притисокот.

Научниците стравуваат дека лавата ќе се спушти до подземните води, односно за дополнителни 300 метри надолу и ќе предизвика низа настани кои би можеле да доведат до агресивна експлозија на пареа, што би се случило за 6 до 7 дена со ова темпо.

Штом се спушти лавата, супер загреаните камења би можеле да паднат во кратерот и штом таа стигне до подземните води, ќе дојде до судир на водата со камењата кои се загреани до 1200 степени Целзиусови и таа ќе премине во пареа, која ќе биде задржана од камењата додека не експлодира.

Слична експлозија во 1924 година неколку недели исфрлала вжештени камења, пепел и пареа на висина до 9 километри во атмосферата. Доколку се случи ваква експлозија, опасната зона би се проширила на околу 5 километри во радиус од врвот.

A.M.