Како продолжение на програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите, во Охрид, во организација на УНИЦЕФ и Министерството за образование и наука, се одржа работилница за училишните стручни соработници од југозападниот регион на земјата.
Дадени се насоки и препораки при комуникација со учениците, а настанот беше и прилика за вмрежување на стручните служби, психолозите, педагозите, социолозите, социјалните работници, дефектолозите, со цел зајакнување на нивните капацитети и заемна поддршка да одговорат на актуелниот предизвик.
Целта на работилниците е да се изгради заеднички одговор на последните случувања и да се поттикне отворен разговор и клима на поддршка во училиштата. Во кризни ситуации кои влијаат врз добросостојбата и менталното здравје на учениците од исклучителна важност е училиштето да остане безбедно место во кое тие ќе најдат разбирање, одговори и поддршка за да ги надминат предизвиците, да ги унапредат своите социо-емоционални компетенции и да ја зајакнат психолошката отпорност, велат од Министерството за образование.

OhridNews












