По два месеци доцнење, од понеделник ќе биде пуштена трасатата од Охрид до Требеништа од автопатот во изградба. Доцнењето според директорот на Агенцијата за државни патишта Ејуп Рустеми се должи на времето и административни проблеми.

Имавме административни проблеми кои ги решивме и следниот понеделник целосно ќе биде пуштен во употреба патниот правец Требеништа – Охрид. Причина за пролонгирањето се и временските прилики кои не беа поволни изминатиот период. Дополнително завршивме шеесеттина инфраструктурни проекти со што го ослободивме автопатот од нерешените прашања и создадени се сите услови овој значаен инфраструктурен проект да биде завршен во предвидениот рок до 2023 година. – изјави Рустеми.

Во изјава за медиумите, Рустеми најави рехабилитација на исклучително важниот регионален патен правец Подмоље – Струга – Ќафасан. Изведувач на работите ќе биде градежната фирма „Илинден“, а вкупната вредност на проектот е 7,9 милиони евра кои ги обезбеди државата.

За 15 месеци очекуваме целосна рехабилитација на овој патен правец ,кој не е важен само за населението, туку и за сите државјани на земјата, но и за тие кои транзитираат тука. Овој регионален пат очекуваме дека ќе биде завршен на време, бидејќи искуството кое го имаме со компанијата изведувач го говори тоа. – додаде Рустеми.

Запрашан дали се планира рехабилитација на патниот правец од Охрид до Св. Наум, директорот на Агенцијата за патишта рече дека проект е изработен, но оти економската криза значително ги покачила цените во градежништвото до 70 проценти, поради што се бара начин да се реализира овој инфраструктурен зафат.

OhridNews