Полека изминува првата недела од масовната вакцинација во земјата, која се одвива во повеќе регионални пунктови, меѓу кои и Охрид. Според информациите од лекарскиот тим одговорен за вакцинацијата во Охрид, за 5 дена во регионалниот центар во спортската сала „Билјанини извори“ вакцинирани се 4591 лице.
Вакцинираме во просек околу 1000 лица дневно. Интересот е добар, а уште подобро е тоа што до сега нема пријава за несакани последици од вакцинацијата. – вели Д-р Горан Балевски, директор на Општата болница Охрид.

Ќе биде многу добро доколку успееме да вакцинираме 15000 жители на Охрид. Вакцинацијата засега се одвива во најдобар ред, интересот е задоволителен, а веќе се прави организација на регионалниот пункт за ревакцинацијата која треба да почне на 25 мај. – истакнува Д-р Балевски.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk“ е 279.909 граѓани. – соопштуваат од министерството.
Прва доза вакцина вчера примиле 10.845 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.857 граѓани
Г.М.











